Со имплементирање на инклузивниот процес сите деца можат да учат и имаат право на образование и воспитание во редовниот систем. Основите на инклузивниот процес се потребите на децата и развиеноста на нивните способности, кои претставуваат основни критериуми за избор на програмата за работа.
Бидејќи децата најдобро учат во природна средина со своите врсници, треба да им се обезбеди воспитание и образование во редовните предучилишни установи каде тоа и би го добиле. Нашата градинка нуди еднакви можности како и целосна флексибилност во задоволување на специфичните потреби на сите деца, се прилагодува начинот на работа така да се излегува во пресрет на потребите на секое дете, а кај оние со потешкотии во развојот и дополнителна помош. Се применуваат различни и ефективни стратегии за организирање на занималната во која се почитуваат разликите помеѓу децата, што подразбира правилна организација ов просторот, дидактичките материјали и средства, креативно уредување, како во внатрешниот простор така и во надворешниот.
Сепак ќе кажеме дека примарната цел на инклузијата не е помош на децата со потешкотии подобро да се интегрираат во градинката. Крајната цел е бенефиции за целата околина, сите деца и целиот воспитно-образовен систем. Со тоа градиме толеранција, но и почитување на индивидуалните разлики, почитување на достоинството на секој поединец и врз основа на тоа да се креираат меѓусебни интеракции и друштвени односи. Посебно е битно што кај малите дечиња се развива емпатијата, солидарноста, толерантноста и прифаќање и почитување на различностите. Раната интеракција меѓу децата кои имаат потешкотии во развојот и оние кои немаат, води кон процес на формирање на позитивни ставови и погледи.